
Четвртиот тенисер во светот, 24-годишниот Грк Стефанос Циципас, трета година со ред се пласираше во полуфиналето на Австралија Опен, победувајќи го 21-годишниот Чех Јиржи Лехечка (71-ви на АТП листата), во четвртфиналето со 6-3, 7-6 (2), 6-4 за два часа и 17 минути игра.
По еден одземен сервис во првиот и третиот сет, пет спасени „брејк топки“ и добро одиграниот тај-брејк во вториот сет му ја донесоа на Циципас шестата победа во исто толку четвртфинални мечеви одиграни на грен-слем турнирите.
За место во своето прво финале на Австралија Опен, а второ во кариерата на грен-слем турнирите, Гркот ќе се бори против 26-годишниот Карен Хачанов (АТП – 20-ти), кој до полуфиналето стигна откако Американецот Себастијан Корда (АТП – 31-ви) му го предаде натпреварот. Русинот водеше со 7-6 (5), 6-3, 3-0. Корда во текот на мечот почувствува болка во зглобот на десната рака, двапати побара лекарска помош, но реши да се предаде во третиот сет.
Циципас има водство од 5-0 против Хачанов во меѓусебните мечеви, но ова ќе биде нивна прва средба на грен-слем турнирите и во меч со три освоени сета.
Покрај пласманот во своето второ финале на грен-слем, Циципас има и дополнителен мотив, бидејќи титулата победник на Австралија Опен би му донела пробив на првото место на АТП-листата. Покрај Гркот, шанса повторно да се пробие на првото место на АТП-листата со освојување на десеттата титула во Мелбурн има и Србинот Новак Ѓоковиќ, кој во среда ќе го одигра четвртфиналниот меч против Русинот Андреј Рублев.