
Над 70 000 патници се принудени да ги одложат патувањата поради штрајк на пилотите на француската авиокомпанија „Ер Франс”. Според официјалната информација на компанијата, едвај 48% од планираните летови ќе се сервисираат. „Ер Франс” ветува на патниците бесплатно повторно резервирање на билетите за други датуми, како и враќање на целосната вредност на износот во случај на откажување на летот.
Последниот голем штрајк на пилотите во Франција бил во 1998 година. Во започнатиот протест, денес се очекува да се вклучат најмалку 60 проценти од пилотите на авиокомпанијата, кои се противат на проширувањето на нискобуџетните „Трансавиа” и штрајкуваат против плановите на „Ер Франс “за намалување на трошоците, пренесе ИТАР-ТААС.
Според извршниот директор на компанијата Фредерик Гаже, штрајкот на пилотите ќе чини 10-15 милиони евра на ден. Во меѓувреме конкурентските авиокомпании веднаш ја искористија ситуацијата и пуштија дополнителни билети од Париз до Тулуз и Ница. Ќе бидат зголемени и местата за железниците оваа недела.