Реал со пресврт преку Атлетико во полуфиналето на Купот на кралот

Фудбалерите на Реал Мадрид се последните полуфиналисти на шпанскиот Куп на кралот (Копа дел реи), а местото меѓу четирите најдобри екипи го изборија победувајќи го во градското дерби Атлетико со 3:1 по продолженија на својот стадион „Сантијаго Бербанеу“.

Алваро Мората го доведе Атлетико во водство во 19 минута, а „Јорганџиите“ ја одржуваа таа предност еден час. Во 79 минута, по додавањето на Лука Модриќ, Родриго брилијантно се ослободи од четворица гостински играчи и со надворешната страна на копачката ја испрати топката покрај Јан Облак во мрежата.

Во продолжението гостите останаа со играч помалку, бидејќи Стефан Савиќ за две минути доби два жолти картона и мораше да го напушти теренот во 99 минута. Бројната предност Реал ја искористи во 104 минута, кога Карим Бензема ја испрати топката во мрежата, откако таа се одби од стативата по ударот на Винисиус Жуниор. Бразилецот погоди на крајот од продолжението и ги постави конечните 3:1 за пласман во полуфиналето.

Претходно во четвртокот фудбалерите на Атлетик Билбао исто така изборија пласман во полуфиналето совладувајќи го на гостински терен со 3:1 минатогодишниот финалист во ова натпреварување Валенсија. Икер Муниаин им донесе водство на Баскијците во 35 минута. Во 43 минута дефанзивецот на гостите Оскар де Маркос несмасно се обиде да ја расчисти топката и ја испрати во сопствената мрежа за израмнување на 1:1. Две минути подоцна Нико Вилијамс повторно му донесе предност на Атлетик, а конечните 3:1 ги постави Микел Весга во 74 минута од пенал.

Инаки Вилијамс имаше голема улога во победата на Атлетик, иако не ја погоди мрежата, но беше асистент при првите два гола, а поради прекршок врз него беше досуден и пенал за третиот гол.

Во средата пласман во полуфиналето изборија Барселона и Осасуна.

Жрепката за полуфиналните двојки ќе се одржи на 30-ти јануари, а нема да има носители. Екипата која е подобра во двата натпревара ќе се пласира во финалето. Првите се закажани за почетокот на февруари, а реваншите за почетокот на март.