ВИДЕО| Во Лондон „анти-пипи“ бојата ги одвраќа мажите од мокрење на улица

Лондонскиот кварт Сохо, познат како центар на ноќниот живот и забавата, тестира нова метода чијашто цел е да ги одвраќа мажите од вршењето на физиолошката нужда на улиците, па ѕидовите се пребојадисани со „предавничката анти-пипи“ боја којашто веднаш го открива „сторителот“.

Властите на квартот во кој е концентриран голем број ресторани, барови и театри, но и во која живеат околу три илјади жители, го бојадисаа со споменатата боја ѕидовите на десетина места на кои најчесто мажите мокреле. Бојата создава јасен водоотпорен слој кој ја открива урината и така веднаш и прекршителот на забраната за вршење нужда на јавни места.

„Тоа е многу ефикасно, дава доказ“, изјави претставничката на месната заедница во Сохо, Ејча Лес, демонстрирајќи го за новинарите ефектот штом ѕидот ќе се испрска со вода.

Градски советник во Вестминстер, во кој е и квартот Сохо, ја покренал овој проект откако примил многу поплаки од жителите и вработени кои работат во квартот.

„Секако дека урината не е пријатна и нашите жители се лутат. Наутро излегуваат од домовите и го чувствуваат мирисот на урината“, појаснува Лес истакнувајќи дека жителите имаат право „да живеат во чиста и безбедна околина“.

Локалните власти, всушност, го копирале моделот од други земји, меѓу кои и Германија каде што дури под опасност од оштетување поради дејството на урината беше и познатата катедрала во Келн. На ѕидовите прекриени со „анти-пипи“ бојата во Сохо испишана е и соодветната порака „Овој ѕид не е писоар“.

Градскиот совет на Вестминстер троши секоја година околу милион фунти, или 1,15 милиони евра, за чистење на улиците, меѓу другото и од урина и се надеваат дека сега со специјалната боја малку ќе ги намали трошоците.

Сохо е мал кварт во центарот на британската престолнина со повеќе од 400 локали кои имаат дозвола за продажба на алкохол, па затоа ноќе тамошните улици има илјадници луѓе кои пијат а тоалетите се затворени. Поради тоа во текот на викендите, кога фреквенцијата на посетителите е најголема, локалните власти инсталираат монтажни тоалети.