Соединетите Американски Држави (САД) побарале од Македонија и од Бугарија да ја деескалираат својата реторика. Ова го изјавил портпаролот на Стејт Департментот.
-Ги повикуваме Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат овие билатерални спорови. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатланска интеграција на земјата, се вели во изјавата од Стејт департментот, пренесе ВОА.
Тензиите меѓу Скопје и Софија повторно се вжештија пред чествувањето на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков изјави дека Софија е подготвена за деескалација во односите со Скопје под одредени услови. Според него, најважен услов е вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Бугарија минатата недела го повлече амбасадорот по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид, тврдејќи дека има „сериозна ситуација во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија“.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи тогаш рече дека повлекувањето на бугарскиот амбасадор е неоснован, непоткрепен и непринципиелен потег.
МИА, пак, денес објави дека добиле потврда од МНР оти бугарскиот амбасадор се враќа на своите дипломатски должности во Скопје, пренесе Радио Слободна Европа.