Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе направиме сѐ за чесно, достоинствено да се прослави роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари, рече Александар Пандов, прв човек на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата Што не е јасно што се емитува на телевизија Алфа.
Според него секој што гледа со пиетет на Гоце Делчев може да дојде на гробот, но не е дозволиво да има навреди како што беше на 13 јануари на чествувањето на Мара Бунева кога имаше низа на несоодветни квалификации за Македонија и Македонците.
„Не смееме да дозволиме никој да ги оцрнува револуционерите. Гробот на Делчев е свето место. Убеден сум дека многумина ќе дојдат во сабота, никој веќе не му се плаши на Оливер Спасовски“, посочи Пандов укажувајќи дека очекува МВР да си ја заврши работата како што треба.
Пандов посочи „ние одиме таму да го чествуваме денот, а не да правиме било какви проблеми“.
Според него сето ова што се случува во Бугарија, меѓу другото и случајот Пендиков, е затоа што ќе имаат избори и повторно Македонија ја наметнуваат како тема.
Пандов се осврна и воопшто на ситуацијата во земјава при што укажа дека единствен начин за излез од ситуацијата е да се одржат избори.
„Ние имаме институции во кои довербата е во рамки на статистичка грешка, Проблемот на имање на корумпирани политичари е што тие се уценети, а под уцена прифаќаат се. Таква е ситуацијата во Македонија“, рече Пандов.