-Владата не само што тргува со тоа чиј е Гоце Делчев, сега си даде за право да одлучува и за тоа кој треба да биде дел од одбележувањето на роденденот на македонскиот великан!, реагираат од редакција на КУРИР, на која Владата не и одобри акредитација за утрешниот настан во црквата Свети Спас, по повод одбележување на роденденот на Гоце Делчев.
„Иако редакцијата навремено испрати барање за акредитација за следење на утрешниот настан, нашите новинар и снимател беа ОДБИЕНИ од страна на Владата. КУРИР како еден од најчитаните интернет медиуми во Македонија, утре нема да биде во можност на многубројните читатели да им ја пренесе атмосферата и начинот на кој се одбележува овој голем ден. Таа одлука ја донесе Владата која си даде себеси за право да одлучува кој новинар и кој медиум е подобен, а кој не смее да присуствува кога државниот врв и бугарските политичари лицемерно ќе се поклонат пред споменот на Гоце Делчев – оној кој им беше точка од преговорите и договорите, стои во нивната реакција.
Се додава: „Ова е класичен обид за цензура врз КУРИР како медиум. Според нашите информации, ваков одговор добиле и други медиуми кои власта очигледно се обидува да ги остави со “врзани раце“! Дополнително е скандалозно тоа што одговорот за одбивање го добиваме доцна попладнево, за настан закажан за утре.
Владата и нејзините први луѓе треба да знаат дека со ваквиот удар врз медиуми, удираат врз граѓаните на Република Македонија кои имаат право да бидат информирани за ваквите настани.
Додека Ковачевски и Спасовски прават вакви чекори за да им се додворуваат на бугарските политичари, очекуваме македонските новинарски здруженија да го осудат ваквиот обид за цензурирање на медиуми и спречување на новинари да си ја вршат својата работа!, велат од КУРИР.