Фудбалерите на минхенски Баерн на гости со 4:2 го победија Волфсбург во последниот дуел од 19-то коло на германската Бундеслига со што се вратија на врвот на првенствената табела.
Веќе по дваесетина минути игра разиграниот Баерн имаше предност од големи 3:0. Првите два убави голови ги постигна Кинсли Коман, од кои првиот во 9 а вториот во 14 минута кој го постигна со волеј удар, а веќе во 19 минута бранителот на титулата имаше предност од три погодока благодарејќи на прецизниот удар со глава на Томас Милер.
Потоа Баерн ги стивна своите напади очигледно задоволен од убедливото водство, додека играчите на Волфсбург добија простор да ги поврзат редовите, но без конкретен ефект во нападот. До полувремето домашните сепак успеаја да заминат со мали надежи во пресврт откако во 44 минута стрелец за 1:3 беше Јакуб Камински.
Новите надежи за Волфсбург се појавија во 54 минута кога на гостинскиот играч Џошуа Кимих му беше покажан вториот жолт картон по што мораше да го напушти теренот. Но не само што не дојде до пресврт, туку Баерн успеа повторно да дојде до предност од три гола откако во 74 минута Џамал Мусиала погоди за 4:1. До крајот домашните успеаја само да намалат во 80 минута преку Матијас Сванберг.
Волфсбург со тоа ја продолжи црната низа против Баерн во Бундеслигата. Ова беше нивен 52-ри дуел, а Волфсбург има само четири победи и седум ремија.
За Баерн ова беше првата првенствена победа откако ги ремизираше претходните три натпревара со 1:1 против РБ Лајпциг, Келн и Ајнтрахт.
Баерн се врати на врвот на табелата со 40 бодови, само бод повеќе од Унион Берлин, а три односно четири од Борусија Дортмунд и РБ Лајпциг. Волфсбург остана на седмото место со 29 бодови, пет помалку од првото место кое води во европските купови следната сезона.
Претходно во неделата сигурна гостинска победа од 2:0 забележа и Вердер кај Штутгарт, со головите постигнати во вториот дел преку Јенс Штаге во 59 и Марвин Даксч во 77 минута.
Вердер се искачи на 8-то место со 27 водови, а Штутгарт остана на 16 бодови на 16-то место кое води во доигрување за опстанок во лигата.