Косовскиот премиер Албин Курти, по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, соопшти дека Косово го прифаќа предлогот на ЕУ за нормализација на односите.
Курти во објава на Twitter изјави дека имал добра дискусија со Лајчак.
„Добра размена на мислења со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак на работниот ручек во Приштина. Го прифаќаме предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го сметаме за добра основа за понатамошна дискусија и солидна платформа за напредок“, потенцираше Курти.
Тој додава дека за одредени прашања за меѓународните гаранции, механизмите за имплементација и тајмингот ќе се разговара наскоро, на преговорите во Брисел.
„Демократските концепти со европска ориентација ни даваат надеж“, додаде Курти.