ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Односите на Македонија со Бугарија никогаш не биле полоши, власта тоне во корупција, а народот никогаш не живеел полошо.

Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва одржа седница на која се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, односите со Бугарија, а беа донесени и повеќе кадрови одлуки, се вели во соопштението испратено до медиумите од опозициската партија.

Извршниот комитет смета дека односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија никогаш не биле полоши отколку во моментов, што според опизициската партија го покажуваат и постојаните тензии, уцени и условувања.

„Договорот за пријателство и добрососедство кој го склучи владата предводена од СДС и ДУИ со Бугарија, наместо за да носи пријателски односи и меѓусебна соработка, тој е затруено дрво кое раѓа затруени плодови. Никогаш досега немало таква несигурност во меѓусебните односи помеѓу Македонија и Бугарија, а уште полошо е што уценувачката бугарска политика на негирање на македонскиот народ, идентитет и јазик постојано се проширува. За таквите уцени кои немаат крај е виновник владата на Ковачевски која спротивно на барањата на македонските граѓани се согласи и овозможи на Бугарија да може да поставува нови и нови барања. Во однос на економската состојба беше заклучено дека во Македонија никогаш не се живеел полошо.

Македонија руши рекорди по инфлација. Власта е неспособна да ги заштити граѓаните од постојаните поскапувања, но и не ги заштитува компаниите кои поради кризата секојдневно ставаат клуч на врата а со тоа илјадници граѓани остануваат на улица. Наместо тоа власта на граѓаните зачестено им задава нови удари како што се честите поскапувања на струјата, а потоа како домино ефект предизвикуваат поскапувања на се останато. Единствено за што е способна оваа власт е криминал и корупција, што го покажа и последниот извештај а Транспаренси Интернешнл каде Македонија е во друштво на Суринам, Тунис и Индија.

Затоа, единствен спас и излез од оваа ситуација се предвремени парламентарни избори, за што поскоро да дојде власт која ќе почне да ја вади Македонија од калта во која ја заглавија СДС и ДУИ“, се вели во соопштението.