Владата ќе забрани увоз на руска нафта

Владата ќе забрани увоз на руска нафта во Македонија. Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека санкцијата кон Русија која ја објави Европската Унија ќе ја спроведува и земјава. Бектеши вели дека само се чека протокуларно тоа да го стори неговиот колега од министерството за надворешни работи Бујар Османи. Бектеши уверува дека недостаток од дизел гориво во земјава нема да се случи.

„Како влада политиката е да ги следиме сите санкции кои ги носи Европската комисија, генерално Европската унија тие се нашите стратешки партнери и така најверојатно и ќе продолжиме“, рече Бектеши.

Со оваа одлука цената на дизел горивото нема да се зголеми, вели за Алсат претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски. Во Македонија има една компанија која набавува нафта и нафтени деривати од руска рафинерија, но количеството што го увезува е мало и нема да предизвика корекција на пазарот со деривати во земјава, уверува Бислимовски.

„Не очекувам дека ќе има сериозни импликации во однос на цената на дизелот во следниот период, но тоа треба и да го почекаме. Она што го знаеме од вчерашниот ден кога е прв ден на примена на оваа мерка, вчера на нашата или на медитеранската берза од каде ние црпиме податоци имаше намалување на цената на дизелот“, рече Бислимовски.

Европската унија како нова санкција кон Русија заради воената агресија врз Украина реши да ја ги спушти рампите за руската нафта и деривати. Според информациите, 15 отсто од потрошувачката на дизел гориво се набавува од руските рафинерии. Замената за ова гориво, Европа веќе го договори со Кувајт од каде ќе се набавува количеството кое до пред некој ден пристигнуваше од Руската федерација. Освен за дизел, забрана има и за увоз на руски мазут, екстра лесното масло за домаќинства и керозинот.