Американски извори инсистираат дека кинескиот балон бил воен

Американски разузнавачки извори инсистираат дека балонот соборен во саботата бил користен од кинеската војска за шпионирање

Неименуваните официјални лица изјавија за весникот The Washington Post дека веруваат оти таквите балони се користат за собирање разузнавачки информации на стратешки важни територии, вклучувајќи ги Јапонија, Индија, Тајван и Филипините.

Кинеските власти негираат дека користеле вакви балони за надзор.

Официјалнен претставник изјави за The Washington Post дека американската разузнавачка заедница верува дека некои од балоните полетале од Хаинан, остров ба југот на Кина, каде што е стационирана поморска база на кинеската воена морнарица.

Цитирајќи неименуван висок функционер од администрацијата на претседателот Џо Бајден, телевизиската мрежа CBS News потврди дека американската разузнавачка заедница верувала дека балонот бил дел од „програмата за воздушно набљудување што ја води Народната ослободителна армија од Хаинан“.

САД информирале 40 сојузнички земји во понеделникот за наводната шпионажа, потврди висок претставник на администрацијата на Бајден за CBS. На тој брифинг, заменичката на државниот секретар Венди Шерман, исто така, открила дека еден балон патувал низ целата планета во 2019 година, вклучително и над Хаваи и над Флорида.

Минатата седмица Пентагон објави дека друг кинески наводен шпионски балон бил забележан над Костарика и Венецуела.

Откривањето на наводниот шпионски балон предизвика дипломатски тензии меѓу САД и Кина.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го откажа своето патување во Пекинг. Тој требаше да се сретне со својот кинески колега само неколку дена откако беше забележан балонот.

„Ова е неприфатлива и неодговорна акција“, рече тој.

Американските одбранбени претставници претходно изјавија дека три наводни кинески шпионски балони летале над САД за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп, што тој го негираше.

Балонот поминал низ Алјаска и Канада пред да се појави во американската сојузна држава Монтана, каде се наоѓа дел од американскиот нуклеарен арсенал. Во понеделникот, американската морнарица објави фотографии од остатоците од соборениот балон. Се верува дека бил висок 60 метри.