На вчерашна владина седница, а по предлог на Министерството за финансии, практично се усвојуваат предлог измените и дополнувањата на Законот за игри на среќа, со кој предвидува оддалечување на спортските обложувалници на најмалку 500 метри од училиштата.
На ова денеска остро реагираа од Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), и тоа споредувајќи го законот со пропаднатиот закон за игри на среќа во Албанија.
Имено, Албанија пред 4 години го забрани спортското обложување, а потоа беше сведок на апсења секоја недела поради дивите обложувања. Поучени од негативното искуство, албанските власти најавија повторна легализација на спортското обложување во првиот квартал на 2023 година.
„Дали нашата Влада има интерес да донесе закон со кој ќе ја направи грешката на Албанија? Дали ова се прави можеби намерно? Наместо да учиме на туѓите негативни искуства со предвидените законски измени, директно одиме во амбис“, прашаа од АСОМ.
Од Асоцијацијата посочија дека ниедна европска земја нема ваков закон, затоа што тој едноставно не функционира. Објаснија дека ваквите рестриктивни закони докажано носат спротивен ефект и со тоа не се намалува играњето на игрите на среќа, ниту ризиците кои ги носат, туку се отвора ново поле за нелегален профит и ризик за играчите.
Инаку во Албанија, овој закон за забрана на игри на среќа стапи на сила во 2018 година, кога стотици објекти за игри на среќа, меѓу кои и обложувалници, беа затворени, а обид беше направен да се укинат и сите веб-страници за он-лајн игри на среќа.
Тогаш ваквиот потег отвори фронт за нелегалното обложување кое процвета кај нашиот сосед и ѝ создаде сериозна работа на полицијата бидејќи апсења поради дивите обложувања имаше секоја недела.
Поради овие случувања командантот на албанската државна полиција, Тонин Вочај, изрази поддршка за враќањето на легалното обложување, изјавувајќи дека предлага ревизија на законот за обложување и за формализација на онлајн спортските обложувања, исто така, бидејќи оваа активност е легална во другите земји.
Поддршка за враќање на легалното обложување дојде и од премиерот на Албанија Еди Рама.