
Водството на американскиот медиумски гигант „ Walt Disney“ има намера да изврши темелна реорганизација, во чиишто рамки е планирано згаснување на 7.000 работни места, изјави во средата извршниот директор Роберт Ајгер во текот на телеконференцијата со инвеститорите.
Според извршниот директор, мерките се преземаат за да се намалат трошоците за 5,5 милијарди долари и да се подобри профитабилноста на работењето со стримингот.
„Walt Disney“ првото фискално тримесечје, според фискалната година во САД кое заврши во декември, го заклучил со нето добивка од 1,279 милијарди долари, поголема за 15,8 отсто отколку во истиот период минатата година. Приходите скокнале за 7,8 отсто, на 23,5 милијарди долари, покажува деловниот извештај објавен во средата.
Деловниот извештај, сепак, покажува пад на бројот на претплатниците на стримингот во одделот Disney+, првпат откако е воспоставен. Овој оддел го затворил кварталот со загуба од милијарда долари.
Компанијата најави дека ќе ги намали трошоците, вклучително и во одделот за управување и продажба, за 2,5 милијарди долари, Дополнителни 3 милијарди долари планираат да заштедат со намалување на содржината, со исклучок на спортот, како и со отказите. Така, планираат да отпуштат 7.000 вработени, или 3,6 отсто во филијалите ширум светот.
Планираното реструктуирање ќе го подели работењето на „Walt Disney“ на одделот забава кој ги опфаќа филмот, телевизијата и стримингот, ESPN специјализиран за спорт и одделот паркови, искуства и производи
„Реорганизацијата ќе резултира со поекономичен, координиран пристап на нашето работење“, изјави за аналитичарите во конференциски разговор Ајгер, истакнувајќи дека приоритет и натаму ќе им биде стримингот.
Последниот пат од „Walt Disney“ отпуштаа вработени во текот на кулминацијата на пандемијата на коронавирусот, кога во ноември 2020 година објавија откази за 32.000 вработени, првенствено во тематските паркови.