Медведев: Русија треба да го зголеми производството на оружје

Заменикот на челникот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев во четвртокот изјави дека во ситуација кога Украина „моли“ оружје од Западот, би било нормално Русија да го зголеми производството на различни видови оружје, вклучително и на напредните тенкови.

Изминатите два дена при посетите на Лондон, Парис и Брисел, украинскиот претседател Володомир Зеленски ги повика сојузниците во војната против Русија на Украина да ѝ испорачаат и ракети со дострел до 300 километри и напредни борбени авиони според НАТО стандардите. Европските челници притоа му ветија на Киев продолжување на воената поддршка, вклучително и со нови видови офанзивно вооружување.

„Како што е познато, нашиот непријател молеше за авиони, проектили тенкови во странство. Што треба да направиме како одговор? Јасно е дека во тој случај нормално за нас е да го зголемите производството на различни видови оружја и воена опрема, вклучително и модерни тенкови“, изјави Медведев.

Во четвртокот Медведев престојуваше во посета на фабрика за тенкови во сибирскиот град Омск, во којашто се изведува модернизација на руските тенкови од моделот „Т-80“, од кои првите беа произведени во 2019 година.

Медведев, кој во периодот од 2008 до 2011 година беше претседател на Руската Федерација а во неколку мандати беше и премиер, на Западот беше доживуван како посакуван либерал наспроти претседателот Владимир Путин. Но од почетокот на војната во Украина се позиционираше како најрадикален поборник на „специјалната воена операција“, често во своите објави и интервјуа предупредувајќи дека воената помош на Западот за Киев го приближува светот до апокалиптичното сценарио.