Ревизорите утврдиле бројни неправилности во работата на ФЗО

Државниот завод за Ревизија изразува бројни резерви во однос на финансиското работење на Фондот за здравство, а меѓу другото, забележани се одредени слабости, бидејќи од страна на граѓаните за време на пандемијата биле дадени 19,9 милиони евра за ПЦР тестови, а кои завршиле во приватното здравство.

Во функционирањето на Фондот е утврдено дека е застарена и амортизирана серверска структура и дека има недостиг на ИТ – кадар и стратегија, што пак се потврди деновиве, со хакерскиот напад врз сајтот на ФЗО.

Цел на ревизијата, како што велат од ДЗР, е да се добие разумно уверување дали финансиските извештаи се ослободени од материјално погрешни прикажувања и дали активностите и трансакциите се во согласност со законската регулатива.

Ревизорите утврдиле слабости во спроведувањето на интерните и теренските контроли при потврдувањето на објективноста на фактурираните услуги.

– Ревизорите во извршената ревизија констатираат слабости во контролите при препишување и издавање лекови, непочитување на роковите при вршењето на контролите и изрекувањето на договорните казни, поради невоспоставени контроли исплатувани се надоместоци за боледување и кога осигурениците остварувале плата, како и слабости при утврдување и контрола на реализација на условен надоместок на ЈЗУ – велат од Државниот завод за ревизија.

Како клучни препораки ДЗР ги посочува воспоставувањето систем на планирање, следење и редовно вршење контрола на видот и обемот на извршените здравствени услуги и издадени рецепти.

Дел од препораките се и доуредувањето на постапката и воспоставување контроли при исплатата на надоместоците за боледување и зајакнување на контролите кај условниот надоместок.

– Добиено е Известување на Нацрт извештајот при што е констатирано дека претставува известување/објаснување во однос на утврдените состојби – се наведува во соопштението.