Палестинец се заби со возило во автобуска постојка, загинаа дете и момче

Шестгодишно дете и 20-годишно момче загинаа а уште неколку лица се повредени во налетот врз група луѓе на возило кое го управувал Палестинец во автобуска постојка во предградие на Ерусалим, соопшти во петокот израелската служба за итна помош.

Портпаролот на израелската полицијата потврдил дека возачот бил застрелан на самото место. Станува збор за 31-годишник идентификуван како извесен Хусеин Крачаи, жител на квартот Исавиа во источен Ерусалим, навел истиот извор.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опиша инцидентот како терористички напад и нареди зајакнување на безбедносните мерки и во источен Ерусалим, но и на другите критични места ширум државата.

Нападот се случи во периодот кога во Израел расте загриженоста за безбедноста, откако палестински напаѓач кон крајот на јануари во напад пред синагога во источен Ерусалим уби седум лица.

Израелските сили спроведоа стотици апсења последните месеци во речиси секојдневни рации на Западниот брег (на реката Јордан), кој меѓународната заедница ја смета за окупиран палестинска територија од страна на Израел во војната од 1967 година. Во оваа енклава, каде на власт е Палестинската самоуправа на Махмуд Абас израелските сили се судираа последните месеци со исламистичките милитанти кои главно својата база ја имаат во другата енклава Појасот Газа, каде на власт од 2007 година е движењето Хамас.

Портпаролот на Хамас не ја презема одговорноста за денешниот напад, но го пофали нападот како „херојска операција“.

Објавувајќи за жртвите, израелскиот телевизиски канал Channel 12 News наведе дека и братчето на шестгодишното убиено момченце е тешко повредено.

Израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, одговорен за полициските сили во источен Ерусалим, го посети местото на нападот. Беше дочекан од толпа гневни луѓе кои го опколија извикувајќи „Смрт на терористите!“, покажуваат телевизиските снимки.

„Ништо не е потешко отколку да се дојде на местото на инцидентот во кој е убиено дете. Повеќепати реков дека сакам да ја воведам смртната казна за терористите“, изјави Бен-Гвир.