
Фудбалерите на Наполи во неделата вечерта направија уште еден чекор поблиску до освојување на шампионската титула, прва по 1990 година, откако во натпреварот од 22-то коло на Серија А, пред своите гледачи рутински го совладаа „фенерџијата“ Кремонезе со 3:0 и сега има неверојатни 16 бода повеќе од Интер, кој има и меч помалку.
Домашните поведоа во 21 минута со голот на Грузиецот Квича Кваратшелија, најдобриот стрелец во првенството Виктор Осимен зголеми во 65 минута, а конечните 3:0 ги постави македонскиот рпрезентативец Ељиф Елмас во 79 минута, по само осум минути откако го замени Пјотр Зелински.
Во претходниот натпревар Јувентус во Торино ја победи Фиорентина со 1:0. Стрелец на решавачкиот гол беше Адриен Рабио во 36 минута.
Торинската „Стара дама“ постигна втор гол во 59 минута, но голот на Душан Влаховиќ беше поништен по прегледувањето на видео снимката поради офјсад позиција. Истата судбина ја доживеа и голот на гостинскиот играч за врска Гаетано Кастровили во 89 минута. Голот кој го постигна тимот на Фиорентина беше поништен поради недозволена позција на гостинскиот напаѓач, по интервенција на видео асистентот.
Тоа беше второлигашка победа во низа на Јувентус, по трите кола без победа, додека Фиорентина веќе пет кола е без победа.
Монца со идентичен резултат ја победи Болоња со 1:0 на гостински терен. Стрелец на единствениот гол беше Џулио Донати во 26 минута.
Со оваа победа, Монца ја продолжи низата без пораз во лигата на седум кола, скокајќи на деветтото место на табелата со 29 бодови, исто колку и Болоња на десеттото место.
На првиот натпревар во неделата Удинезе и Сасуоло ремизираа 2:2. Сите голови беа постигнати во првото полувреме. Удоги многу рано ги доведе домаќините во водство, веќе во првата минута, но гостите возвратија и Матеус Хенрике погоди за 1:1 пет минути подоцна. На 2:1 во 28 минута Бујол погоди за Удинезе, а на крајот од првото полувреме во судиското надополнување израмни Перез за Сасуоло.
На табелата води Наполи со 59 бодови пред Интер со 43, додека Аталанта, Рома и Милан имаат по 41 бод.
Во понеделник колото ќе го затворат Верона – Салернитана, и Сампдорија – Интер.