Асад е подготвен да отвори други премини за помош во северозападна Сирија

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека сирискиот претседател Башар ал-Асад покажал подготвеност да размисли за отворање други гранични премини за испорака на помош на жртвите од земјотресот во северозападниот дел на земјата, област која е под контрола на бунтовниците.

Гебрејесус разговараше со Асад за помошта што ќе им се обезбеди на жртвите од разорниот земјотрес на 6 февруари што ја погоди југоисточна Турција и дел од Сирија.

-Се повеќе кризи, од конфликти, коронавирус, колера, пад на економијата, а сега и земјотрес. Сето тоа предизвика неподносливи последици, рече Гебрејесус, кој беше во Алепо во саботата.

Досега само еден граничен премин е отворен од Турција за бунтовничките области во Сирија. Тој премин е оштетен во земјотресот и затоа се апелира за отворање и други гранични премини.

Хуманитарната помош вообичаено пристигнува во бунтовничките области преку Турција во рамките на прекуграничниот механизам создаден во 2014 година со резолуција на Советот за безбедност на ОН.