Левица направи кворум за владината реконструкција (ФОТО)

Левица направи кворум за собраниската седница за реконструкција на Владата, гласајќи за Дневниот ред на 103-та сеница.

Дневниот ред беше изгласан со 62 гласа , со поддршката од  двата гласа од Левица.

Еден министер сам си поднесе оставка, а тројца треба да бидат разрешени. Претпладнево, Собранието констатираше дека министерот за правда Никола Тупанчевски си поднесе оставка. Премиерот Димитар Ковачевски очекува мнозинството пратеници да го изгласа предлогот:  од неговиот кабинет да си заминат тројцата министри од Алтернатива – Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи. Дури потоа, Собранието ќе расправа за четворица нови министри и тројца заменици, со што се означува влезот на Алијанса во Владата.

Седницата ќе биде тест за политичкото расположение на пратениците. Математичкит гледано, од досегашното мнозинството од 64 треба да се одземат тројцата пратеници на Алтернатива и да се додадат осуммината од Алијанса. Синоќа „алтернативците“ на Гаши донесоа одлука да одат во опозиција. Христијан Мицкоски рече дека „на крајот на 2021-та тие ја спасиле оваа Влада за да продолжи криминалот, а сега се избркани“.

Алтернатива веднаш му врати дека не треба да ги злупотребува во неговите политички пресметки со СДСМ и дека Алтернатива ниту била, ниту е, ниту ќе биде нечиј спасител.

Во предлогот за разрешување на заменици министри изоставен е Даим Лучи. Се шпекулира дека иако и припаѓа на Алтернатива, тој останува во Владата бидејќи е близок со Скендер Реџепи Зејд, пратеникот кој стана независен откако ја напушти оваа партија.

Се очекува долга расправа за предложената реконструкција. Нема да ја поддржат и групата „огнени“, кои се најмалку тројца, а некои од помалите владини партнери сѐ уште имаат дилеми.