Тимот на Мерцедес во шампионатот во класата Формула 1 во средата го претстави својот нов црн болид за следната сезона, за кој се надеваат дека на нивните возачи, Британците Луси Хамилтон и Џорџ Расел, ќе им овозможи рамноправна борба за победите и титулата светски првак.
Мерцедес минатата година остана без титулата во поредокот за конструкторите по осумгодишната доминација, а Луис Хамилтон до влегувањето во Формула 1 во 2007 година првпат ја заврши сезоната без ниедна победа. Џорџ Расел, пак, дојде до својата прва победа на трката за Големата награда на Бразил.
„Изгледа добро. Дали ќе биде брз како што изгледа? Се надевам“, изјави шефот на тимот на Мерцедес, Тото Волф, на дигиталното преставување од патеката во Силверстоун, каде и двајцата возачи ги извозеа првите неколку кругови во новиот болд.
„Позитивни сме, има возбуда. Имаме алатки за знаења, раст и развој на автомобилот и се надеваме дека на Џорџ и Луис ќе им дадеме нешто што функционира“, порача Волф и додаде дека екипата ќе стори сѐ за да се врати на врвот и да го победи тимот на Ред Бул предводени од двократниот светски шампион Холанѓанецот Макс Весрстапен.
И поради тоа Мерцедес се врати на црната боја, каква што ја имаше болидот во 2020 и 2021 година, којашто би требало да донесе дополнителна предност преку намалување на тежината, бидејќи преку карбонските влакна нема да биде потребен дополнителен слој.
„Изгледа одлично во црната боја“, рече 38-годишнот Луис Хамилтон, кој ќе ја брка рекордната осма титула светски првак и натамошното зголемување на рекордот според бројот поединечни победи на трките, кои досега ги оствари вкупно 103.
Новата ќе му биде 11-та сезона во Мерцедес и вкупно 17-та во Формула 1.
„Возбуден сум од тоа што повторно ќе се натпреварувам. Се чувствувам смирено, полн со енергија и сосредоточен сум. Подготвен сум да го направам она што е неопходно за победа“, рече Хамилтон.
Џорџ Расел ќе ја започне својата седма сезона во Формула 1, а втора како возач на тимот на Мерцедес. За 24-годишниот возач мината сезона беше време на учење, како и за целиот тим.
„Се надеваме дека сме направиле чекор нанапред. Сите сме тука за да победуваме, тоа е многу едноставно. Мораме да видиме со какви предизвици се соочуваме, но екипата вложи многу труд во овој автомобил. Огромни се мотивацијата и огнот внатре во работилницата, бидејќи луѓето не сакаат да се повтори она што се случи во 2022-ра“, рече Расел.
Ново име во тимот е Германецот Мик Шумахер, синот на легендарниот Михаел Шумахер, која како резервен возач дојде од тимот на Хаас.
Новата сезона во Формула 1 ќе започне со трката за Големата награда на Бахреин на 5-ти март, а тимот со тестирањето на патеката „Сакир“ ќе започна претстојната седмица.