Спасовски: Со министерот за внатрешни работи на Бугарија, покажавме дека испраќањето заедничка порака може да ги спласне тензиите

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето на ТВ Шења, на прашањето за односите со Република Бугарија и нападите врз бугарските клубови, односно дали станува збор за  подготвено сценарио за Република Северна Македонија да се насочи на друга страна, надвор од евроатланската перспектива, истакна дека односите на државно рамниште меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија се на добро ниво.

„Се појавуваат тензии, ги нарушуваат тие добри односи и тоа е пред сѐ од радикални структури кои постојат и во двете држави. Меѓутоа ние немаме официјален државен став на Бугарија кој наликува на оној на радикалните структури, со негирање, и со сето тоа што се случува. Провокации имаше и од едната и од другата страна. Сметам дека ниту еден граѓанин нема да реагира доколку имаме клубови за култура и други активности за соработка, меѓутоа иритираа именувањата на тие клубови со имиња на одредени фашисти кои што се практично рана и предизвикуваат негативна  перцепција за македонските граѓани. Оваа држава – треба да ни биде на сите јасно – дека е изградена, изродена врз база на антифашизмот и нормално е дека таквите постапки ќе предизвикуваат реакции. Тоа не смее да биде причина да немаме добри односи денес, бидејќи не можеме да живееме во историјата“, истакна Спасовски.

Во врска со нападите врз клубовите, Спасовски нагласи дека државата и власта се тие кои што треба сѐ да направат тие тензии да стивнат.

„Покажавме со мојот колега, министерот за внатрешни работи на Бугарија во тој период дека интензивната соработка, праќањето на заеднички пораки може да ги спласне тензиите. За одбележување е пораката која мојот бугарски колега Иван Демерџиев ја прати од Скопје, дека ја поддржува и македонската држава и македонскиот народ. И тоа е пораката која што е официјална политика на Бугарија. Исто како што и ние го поддржуваме градењето на тие добрососедски односи. Е сега дали постојат сили коишто посакуваат не само Северна Македонија, туку повеќе држави од регионот да го напуштат тој европски пат, да не се дел од НАТО Алијансата и да ги одржуваат т.н. замрзнати конфликти – да, постојат! Добрата геостратешка позиција отвора многу перспективи за нашите држави, ама отвора и  многу ризици”, посочи Спасовски.