Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека нема да се извини поради уривањето на кинескиот балон и ќе го стори истото со сите летачки објекти кои ќе претставуваат закана за САД, но дека не сака нова Студена војна, порача во четвртокот и најави можна средба со кинескиот претседател Кси Џинпинг.
„Не сакаме нова Студена војна“, порачува американскиот претседател, ја цитира Reuters досега најопширната изјава на Бајден во врска со уривањето на кинескиот балон за кој Вашингтон тврди дека бил шпионска а Пекинг дека бил цивилен метеоролошки аеростат, како и за уривањето на три неидентификувани летачки објекти кои исто така во само три дена ги соборија американските борбени авиони.
„Доколку некој летачки објект се заканува на безбедноста на Американците, ќе наредам да биде соборен“, рече Бајден во изјавата што ја пренесуваше телевизиите, првото обраќање во јавноста за споменатите инциденти на небото над Северна Америка.
Бајден конкретно не прецизираше дали сигурно и кога ќе разговара со Кина, но истакна дека САД ќе продолжат дипломатски да разговараат за тоа со Кина.
„Очекувам дека со претседателот Кси темелно тоа ќе го разјаснам, но нема да се извинувам затоа што наредив соборување на балонот“, рече Бајден во обидот да одговори на забелешките од Пекинг и без да ги спомене кинеските изјави дека американски балони исто така изминатите две години ја надлетувале територијата на Кина.
САД сега тврдат дека нивните стручњаци ја пронашле клучната електроника како и големи делови од структурата, од што заклучуваат наводно дека станува збор за шпионски уред.
Поради тензиите со балонот, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја откажа веќе договорената посета на Пекинг, што требаше да биде првата на такво американско ниво по 18 години.
Американскиот претседател Бајден до денеска даде многу малку јавни коментари за споменатите летачки објекти, но во четвртокот го прекина молкот откако бројни конгресмени бараа повеќе информации за инцидентите кои со денови го полнат медиумскиот простор во САД.
Американската разузнавачка заедница сѐ уште се обидува да дознае нешто повеќе од три неидентификувани леал од кои еден е соборен над Алјаска, вториот над Канада а третиот во езерото Хјурон. Досега никој не го објави нивното потекло, за разлика од балонот кога Кина веднаш потврди дека станува збор за нивен апарат.
„Не знаеме сѐ уште точно што биле тие три објекта, но ништо засега не упатува на тоа дека се поврзани со кинеската шпионска програма со балоните, или дека станува збор за летала за извидување од која и да е друга земја“, рече американскиот претседател.
Бајден рече и дека било возможно тие летачки објекти да бидат забележани токму поради засилениот радарски надзор по уривањето на кинескиот балон, кога беше забележан огромен пропуст зашто тој уред ја прелетал целата територија на САД. Жестоки критики, имено, предизвика фактот што кинескиот балон бил забележан од млад астроном аматер, и тоа откако летал над воена база во сојузната држава Монтана во кој се чуваат 150 интерконтинентални балистички проектили со нуклеарни боеви глави.
Белата куќа и стручњаците поради тоа сега подготвуваат нови протоколи за тоа како да се постапува во такви случаи, односно во кои случаи треба да се одговори со проектили на таквите летала.
„Разузнавачката заедница смета дека е голема веројатноста дека тие балони се поврзани со приватни компании, од институции за рекреација или за истражувања“, рече Бајден.