„Иван Михаилов“ нема да го смени името, вели претседателот на бугарскиот клуб

Културниот центар „Иван Михаилов“ нема да го смени името, изјави претседателот на културниот центар Лупчо Георгиевски по повод истекот на рокот за промена на имињата на здруженијата кои во Скопје се сметаат за контроверзни, пишува БГНЕС.

Во ноември 2022 година, парламентот донесе легислатива, според која веќе законски регистрираните здруженија и клубови може да се избришат од Централниот регистар поради нивните имиња.

-Правата ќе си ги бараме на суд ако нè избришат од Централниот регистар, а ако судот во РСМ не ни ги даде правата, ќе ги бараме во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, вели Георгиевски.

По повод средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи оваа недела, Георгиевски изјави дека оваа прва средба е само еден чекор напред.

-Во разговорот со него изјавивме дека ние не сме надворешен проблем на РСМ, ние воопшто не сме проблем, туку сме решението за Република Cеверна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Властите не разговарале со нас досега. Подготвени сме да разговараме со секој што сака разговор со нас. РСМ мора да го почитува францускиот предлог, рече Георгиевски.

Тој појасни дека откако во декември бил повикан на распит во обвинителството, сега има друга кривична постапка – од Комисијата за заштита од дискриминација за непромена на таблата на која пишува „Културен клуб Иван Михаилов“.

-И откако се вративме од Брисел (каде се одржа средба со еврокомесарот Вархеи) – има и нова постапка против мене – овој пат за ширење говор на омраза кон луѓе кои имаа македонска национална самодоверба. Тие продолжуваат со обвинувањата против нас. Од една страна министерот Османи не кани на средба за да се намали тензијата и да се решат проблемите, но од друга страна продолжуваат со обвинувањата кои може да се реализираат утре со казна до 15.000 евра, а постапката за говор на омраза може да доведе и до затвор. Ние македонските бугари не знаеме како ќе падне тензијата што ја чувствуваме на грб затоа што живееме овде и имаме стравови за нашата безбедност, рече Лупчо Георгиевски.