Грција сака да ја продолжи веќе постоечката ограда по должината на границата со Турција за 35 километри, изјави грчкиот министер за цивилна заштита Такис Теодорикакос за телевизијата Skai.
Според него, проектот ќе чини околу 100 милиони евра, а парите ќе бидат издвоени од државниот буџет.
„Европската унија сѐ уште не го одобрила барањето на Атина за финансирање на изградбата на продолжувањето на оградата. Работите за продолжување на оградата треба да бидат завршени за десет месеци“, додаде Теодорикакос.
Во последните неколку години Атина изгради 37,5 километри челична ограда висока околу пет метри по плиткиот дел на граничната река Марица, која Грците ја нарекуваат Еврос, а Турците Мерич.
Според официјалните податоци, грчките граничари спречиле околу 256.000 мигранти да ја преминат реката и да влезат во земјата. Исто така, уапсени се 1.300 шверцери.