НБА Ол Стар: Тејтум со 55 поени нов рекордер, „Тимот Јанис“ го совлада „Тимот Леброн“

Крилото на Бостон Селтикс, Џејсон Тејтум, стана нов рекордер според бројот постигнати поени на НБА „Ол Стар“ натпревар, откако со 55 поени го предводеше „Тимот Јанис“ до победата од 184:175 против „Тимот Леброн“ во мечот одигран во Солт Лејк Сити.

Со овој учинок Тејтум го надмина Ентони Дејвис, кој постигна 52 поени на натпревар одигран во 2017 година.

Покрај тие 55 коша и шут од поле 22 од 31 обида, Тејтум забележа 10 скока и шест асистенции и сосема заслужено ја освои титулата за најкорисен играч (МВП) на дуелот. Интересно, тој стана првиот играч на Селтикс кој беше прогласен за МВП на собирот на „сите ѕвезди“ по Лери Бирд во 1982 година.

Тејтум беше особено импресивен во третата четвртина во којашто постигна 27 поени, што исто така е нов рекорд по бројот на поени во една четвртина.

Во „Тимот Јанис“ одличен беше и Донован Мичел, кој до минатата сезона настапуваше за тимот од Солт Лејк Сити, а оваа сезона е член на Кливленд Кавалирс, додаде 40 прекини и 10 асистенции за победниците. Но, Демијан Лилард од Портланд Трејл Блејзерс постигна „тројка“ за победа, застанувајќи на 26 коша.

Кај „Тимот Леброн“ најдобар беше соиграчот на Тејтум од Селтикс, Џејлен Браун со 35 поени и 14 скока, Кајри Ирвинг од Далас Маверикс додаде 32 поени и 15 асистенции, а центарот на Филаделфија 76ерс, Џоел Ембиид постигна 32 поени.

И покрај повредите, капитените на двете екипи сепак играа, Џејмс беше под знак прашалник поради проблем со стапалото, но го одигра првото полувреме и постигна 13 поени, но во една акција го повреди малиот прст и затоа го пропушти второто полувреме, додека Адетокумбо , кој има повреда на десниот зглоб здобиена пред три дена, ги постигна првите поени на натпреварот со забивање по 15 секунди, а потоа излезе од игра.

Џејмс со овој настап се израмни со Карим Абдул-Џабар на првото место на сите времиња по бројот на настапи на натпреварите на „Ол Стар“, ова беше негово 19-то учество на собирот на сите ѕвезди, а ја почувствува горчината на поразот првпат како капитен. Имено, ова беше шесто издание на „Ол Стар“ во кое играчите со најмногу гласови на секоја од конференциите беа капитени на тимовите и имаа право да ги изберат своите соиграчи. Џејмс во сите шест наврати беше еден од капитените, а во сите претходни пет натпревари неговиот тим излезе како победник, двапати како капитени ги победи тимовите предводени од Адетокумбо и Кевин Дјурант, а еднаш тимот што го избра Стив Кари.

Откако првата четвртина заврши со резултат 46:46, втората и третата четвртина ги доби „Тимот Јанис“ со 53:46 и 59:49, па за конечна победа беше потребно да се постигнат најмалку 182 поени, односно 24 повеќе од бројот постигнати поени на водечкиот тим по трите четвртини. „Тим Јанис“ стигна до 181 кош пред Лилард да го затвори натпреварот со својата осма „тројка“.