Брзајќи да ја изведете оваа принудена постапка за некаква си реконструкција, направивте грешка во чекори и антидатиравте документи, ама кај се видело човек од актуелна власт да одговара, барем да признае грешка, кај смее некој од соодветна институција да постапи по закон ако законот го прекршил неговиот надлежен. Барем во Македонија, барем до сега ова не се случило, му посочи на премиерот Димитар Ковачевски, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска на денешната собраниска седница каде што на дневен ред е разрешувањето на министерот за информатичко општество, Адмирим Алити.
Стојаноска посочи дека единствен кој изрази свој став, по однос на изјавата на министерот за надворешни работи, беше господинот Тупанчевски додавајќи, каков апсурд, наместо денес да предложевте разрешување на Бујар Османи, вие ни предлагате нов министер за правда.
„Ова е награда за универзитетски професор кој имаше храброст вашата реконструкција да ја нарече „Пазар 3“. Жалам само што не ве остави и него да го разрешувате, туку како партиски послушник си поднесе оставка“, рече Стојаноска.
Стојаноска на Ковачевски му рече дека треба да се засрами од предлозите за разрешување на министри, но и од предлозите за именување на министри, затоа што нема предложено ниту еден експерт од соодветната областа.
„Треба да се засрамите господине премиер од вашите предложи за разрешување и назначување. Да се засрамите од начинот, но и од изборот. Немате ниту еден врвен експерт од соодветна област или поточно би било да се констатира дека сите ви бегаат од бродот кој се посигурно ви тоне, останувате капетан ама кормилото ви е во други раце. Вие најдобро си знаете која е причината до толку да сте понизни и потчинети и затоа немојте да говорите дека ова го правите заради европската иднина на Македонија. Тоа е нај смешното и нај контрадикторното образложение кое сте го кажале, а без да згрешите“, рече Стојаноска,
Македонија, вели Стојаноска, не може да има европска иднина со премиер кој анти датира документи, кој не знае да даде одговор на новинарско прашање, ако истиот не му е напишан на хартија, Македонија нема и не може да има европска иднина со 4% доверба во судството и со корупција во секој сегмент.
Во однос на министерот кој е на дневен ред за разрешување, Адмирим Алити, Стојаноска посочи дека нема што да каже затоа што во измината година, колку што е министер нема направено ништо, наместо да иницирал и почнел реформа, тој се изгубил во административните лавиринти на зградата на министерството.
„За Адмирим Алити како министер за информатичко општество и администрација изминатава година немам што да кажам, затоа што речиси нема ништо направено. Се изгуби во административните лавиринти на зградата на министерството, наместо да покренеше една огромна и итна неопходна реформа. Адмирим Алити денес или утре заминува, ама зад себе остава континуитет на руинирана администрација и на незадоволни граѓани од истата“, посочи меѓу другото Стојаноска.