Бајден во Варшава вети дека САД ќе продолжат „непоколебливо“ да ѝ помагаат на Украина

Поддршката на САД за Украина останува силна, изјави во вторникот американскиот претседател Џо Бајден во текот на разговорите со неговиот полски колега Анджеј Дуда во Варшава.

„Можам со гордост да кажам дека нашата поддршка за Украина е непоколеблива“, рече американскиот претседател.

Тој исто така нагласи дека организацијата на Северноатлантскиот договор е „посилна од кога било“, пред првата годишнина од избувнувањето на војната во Украина. Истакна дека е „навистина извонредно“ каква поддршка им дала Полска на Украина и на Украинците.

Посетата на Бајден на Полска е важен знак за посветеноста на САД за зачувување на безбедноста во Европа, изјави полскиот претседател Дуда.

„Вашата посета е важен знак за безбедност, знак на американската одговорност за безбедноста на светот и Европа. Америка може да го зачува светскиот поредок“, рече Дуда на средбата со Бајден.

Во вторникот Бајден ја започна посетата на Полска, каде попладнето треба да одржи говор во Варшава. Во среда, тој треба да се сретне со шефовите на држави и влади на деветте земји од источното крило на НАТО во полскиот главен град.