Србија: Апсења поради меѓународна измама на интернет вредна милијарди долари

Српското обвинителство за високотехнолошки криминал (ВТК) во средата го започна вториот дел од меѓународната акција „Infinity“ во врска со финансиски измами на интернет, а досега се уапсени 16 осомничени за компјутерска измама, соопштено е во Белград.

Во првиот дел од акцијата, спроведена во јануари, при претрес на повеќе локации добиени se значајни податоци и докази, а со анализата на овие податоци е утврдено основано сомнение дека вработени во најмалку две фирми во изминатите неколку години оштетиле повеќе од 127.000 граѓани на други земји во вкупен износ кој надминува седум милијарди долари, се вели во соопштението на ВТК, во кое се додава дека точната сума сѐ уште се утврдува.

Уапсените во вториот дел од акцијата се обвинети дека измамиле најмалку 200 странски државјани во вкупен износ над 20 милиони американски долари, повикувајќи се на измамнички финансиски трансакции на Интернет.

Акцијата е иницирана со Eurojust, агенцијата на Европската унија за соработка во кривичното правосудство и командата на Федералната полиција на Австралија, а Специјалното обвинителство на Србија наведува дека се претресени 16 локации во Белград и низ Србија.

Покрај 16-те уапсени за компјутерска измама, перење пари и криминален заговор, досега се запленети повеќе од 130.000 евра во готовина, неколку сметки со криптовалути и неколку автомобили, а во тек се и имотни проверки.

Специјалното обвинителство за високотехнолошки криминал ги предупреди граѓаните на Србија и странските државјани кои живеат и работат во Србија да бидат особено внимателни при понудите за вработување во таканаречените „кол-центри“, кои наводно ги едуцираат и советуваат клиентите на кој било финансиски пазар, вклучително и тргувањето со крипто валути.

Таквите активности се строго регулирани со Законот за пазар на капитал и активностите на Комисијата за хартии од вредност, која ги издава потребните дозволи, се додава во соопштението.