Путин: Кога сме сплотени ни нема рамни

Рускиот претседател Владимир Путин во средата се појави на московскиот стадион „Лужники“ на кои се одржуваше собир во чест на руските војници кои ги пофалил за борбите во Украина и ги повика околу двесте илјади присутни со повиците „Русија, Русија“ да ја покажат својата солидарност со сите оние кои ја „бранат татковината“.

Западните медиуми во извештаите го наведуваат официјалниот капацитет на стадионот од 81.000 седишта, но руските наведуваат дека ги имало два ипол пати повеќе поради користењето на целиот простор на стадионот, исполнет со руските тробојки и патриотски песни.

„Токму сега се води битка на нашите историски граници за нашиот народ, ја водат истите храбри борци кои сега стојат до нас“, изјави Путин покажувајќи кон војниците.

Набројувајќи ги професиите кои работат во поддршка на единиците на боиштето, додаде дека тие се исто така бранители на татковината.

„Во таа смисла денеска во одбрана на нашите интереси, во одбрана на нашиот народ, во одбрана на нашата култура, јазик, територии, целиот наш народ денеска е бранител на татковината. Големо поклонување пред сите“, рече Путин.

По интонирањето на руската химна, Путин повторно им пријде на војниците во куси разговори и ракувања со нив.

„Се борат херојски, храбро и смело. Горди сме на нив“, додаде рускиот претседател на манифестацијата „Слава на бранителите на татковината“ организиран со концерт во пресрет на 23-ти февруари денот посветен на сите коишто служат во вооружените сили.

„Денеска ја имаат поддршката на целата земјата“, рече Путин додавајќи дека штотуку ги добил најновите извештаи од фронтот.

„Кога сме сплотени, не нема рамни. За единството на рускиот народ! Ура!“, порача Путин.

Ден претходно во годишното обраќање пред целиот состав на рускиот парламент, Путин повтори дека војната во Украина поради однесувањето на западните земји и игнорирањето на националните безбедносни интереси ѝ бил наметнат на Русија и дека самиот народ на Украина станал „заложник на киевскиот режим и на неговите западни господари, кои всушност ја окупираа таа земја во политичка, воена и економска смисла“.

Путин во вторникот истакна дека Русија сакала по мирен пат да го реши проблемот во југоисточните украински региони заедно познати како Донбас каде е доминантно руското и рускојазичното население, но дека западните земји „подготвуваа поинакво сценарио зад нејзиниот грб“.

Рускиот претседател алудираше на признанијата на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и поранешниот француски претседател Франсоа Оланд дека мировните преговори до Минск од 2014 и 2015 година чии гаранти беа и тие и со кои побунетите региони Доњецк и Луганск требаше да добијат широка автономија, всушност било купување време за Украина да може да се вооружи и воено да ја реши тогаш сѐ уште граѓанската украинска војна.

Судирот во Украина започна откако по насилните безредија во Киев, активно поддржани и оркестрирани од западните земји, беше измамен прорускиот претседател Виктор Јанукович кој се согласи во договор со Германија, Франција и Полска да ги намали своите овластувања и да распише предвремени избори за подоцна пролетта 2014-та. Но наместо тоа имаше вооружен упад во Врховната Рада (парламентот) и протерување на пратениците на тогаш владејачката Партија на регионите.

Потоа следеше сменување на избраните гувернери на регионите и именување на лојални на новите тогаш неизбрани прозападни власти во Киев, укинување на рускиот јазик како службен и забрана за негово користење. Руското и руско јазичното населени во Доњецк и Луганск одговори со заземање на воените објекти и во првите месеци од судирот ги држеше поголемиот дел од областите, вклучително и Мариопул, кои подоцна ги зазема украинската војска.

Истовремено, на стратешкиот црноморски полуостров Крим, каде е историското двевековно седиште на руската Црноморска флота и каде што руското население е во огромно мнозинство, одржа два референдума. На нив со огромно мнозинство беше вратена автономијата на Крим укината во 1990-те со осамостојувањето на Украина и да се врати во составот на Русија од којашто е отсечен во 1954 година со едноставен указ на тогашниот советски челник Никита Хрушчов, етнички Украинец. Но Киев и Западот не ги признаваат резултатите од референдумите и сметаат дека станува збор за нелегално руско анектирање на украинска територија.

Путин рече во врска со тоа дека народот во Донбас се бореше уште во 2014 година „бранејќи го правото да живее на своја земја, да зборува на свој мајчин јазик“.

„Се бореа и не се откажуваа во услови на блокади и постојано гранатирање, нескриената омраз од страна на киевскиот режим. Киев водеше разговори со Западот за набавки на оружје пред почетокот на специјалната воена операција во Украина“, рече Путин повторувајќи дека Москва добила веродостојни информации дека се во првите седмици од март требало да започне офанзива на украинската војска чијашто цел била „геноцид и етничко чистење“ на Добнас.