Димитриеска Кочоска: Економската активност е приближно иста како лани, дали тоа значи дека расте сивата економија?

Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ21, меѓу другото, се осврна и на податоците од Управата за јавни приходи, кои според неа се повеќе од загрижувачки.

„Заклучно со 17.02 односно од 01.01 до 17.02, данокот на додадена вредност прибран како бруто приход е на исто ниво како и минатата година. Односно нешто помалку во однос на лани. А, Владата кога го проектираше Буџетот за 2023-тата година рече дека ќе имаме пораст на ДДВ-то за 14,7%. Бидејќи не завршивме и во 2022 година со тој износ кој беше планиран, значи треба годинава да собереме за 21,21% поголем приход од ДДВ во однос на минатата година, а ние зборуваме за првиот месец ипол дека сме на исто ниво или нешто помалку во однос на она што е прибрано лани. Тоа повеќе од јасно укажува дека имаме економска активност на приближно исто ниво како минатата година или можеби тоа значи дека расте процентот на сива економија“, рече Димитриеска Кочоска.

Во врска со данокот на солидарност, таа посочи дека кај данокот на личен доход има некој пораст во однос на лани, но тој е помал од проектираниот. Кај данокот на добивка има покачувања, но голем дел од фирмите плаќаа и ги завршуваа завршните сметки поради законот за солидарност, сметајќи дека ако завршат порано, немаат да имаат обврска да го платат.

„Сметам дека тоа воопшто во овој момент не е потребно. Прво, заради тоа што ги оптоваруваме фирмите кои се редовни плаќачи, а оние што се во сива економија, повторно не се опфатени. И вториот момент што многу иритира е фактот што тој данок беше повеќе наменет за оние кои работат на пазарот на електрична енергија. Е, сега има најмногу компании што се основаа во 2022 година, а законот не ги опфаќа. Сега тие имаат огромни добивки, нема да платат данок, а ќе платат сите оние други што работеле и во претходни години. Уште една работа што за мене е несфатлива. Ако ги погледнете податоците ќе видите дека државата заклучно со 31.12.2022 на приватниот сектор должи околу 50 милиони евра повеќе во однос на 2021 година. Значи кон приватниот сектор се зголемиле обврските или не се платени на време, зборувам за доспеани обврски ,значи што морале да се платат. Плус и повратот на ДДВ за првиот месец ипол е помал за некаде околу 12 милиони евра во однос на лани.  Од два аспекта гледано, државата не ги враќа парите на стопанството навреме. А, сега од другава страна вели ќе има закон за данок на солидарност, вие платете ми мене. Тоа значи во континуитет приватниот сектор треба да ја финансира државата“, укажа Димитриеска Кочоска.