Херш: САД го минираа Северен тек за да ја принудат Европа да го поддржи НАТО

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден саботажата на руско-германските гасоводи Северен тек 1 и 2 од ланскиот септември во Балтичкото Море ја објаснила со неопходноста да се принуди Европа да продолжи да го поддржува НАТО во неговата поддршка за Украина во војната против Русија, вели во интервјутот за RT американскиот истражувачки новинар Сејмур Херш кој пред две седмици објави напис со низа поединости за подготовките и изведувањето на експлозиите со кои беше прекината испораката на рускиот гас во Германија.

„Тој (Бајден) го направи ова за да ги спречи Германија и Западна Европа да го стават во функција (тогаш суспендираниот гасовод Северен тек 2) со брзото настапување на зимата. Германските власти воведоа санкции за да го суспендираат гасоводот, но тие ќе мораа да го отворат“, вели меѓу другото Херш.

Според него, тоа бела целта на овој план „планиран цели девет месеци“ претходно, односно Вашингтон да се осигури дека Европа нема да престане да го поддржува Северноатлантскиот пакт и да продолжи со испораките на оружје во она што Херш го нарекува „апсолутна прокси војна против Русија“.

Истовремено американскиот активист за човекови права Рејмонд Мекговерн, поранешен аналитичар на Централната разузнавачка агенција (CIA), посочува дека шведското обвинителство под влијание на САД не ги коментира резултатите од истрагата за саботажите на гасоводите Северен тек 1 и 2.

Мекговерн притоа истакнува дека шведските истражителите „ја спроведуваат оваа истрага уште од септември“ минатата година.

„Но тие претпочитаат да не зборуваат за нивните наоди образложувајќи го тоа со националната безбедност. Тоа едноставно е смешно“, рече Мекговерн во своето излагање во текот на онлајн-конференцијата во организација на меѓународниот Шилеров институт.

„Швеѓаните знаат кој го сторил тоа, но тие го следат курсот коишто го поставија нивните западни покровители, во прв ред САД“, вели Мекговерн изразувајќи мислење дека САД во оваа истрага мора да бидат во позиција на осомничени за вмешаност во саботажата на гасоводите.

Изминатите денови по објавувањата на написот на новинарот Херш и неговото интервју за некои германски медиуми, шведското обвинителство за руската агенција ТАСС изјави дека не ги коментира заклучоците на американскиот новинар.

Истовремено, главниот обвинител Матс Јунгвкист во интервју за британската агенција Reuters изјави дека Шведска го одбила предлогот на Европската агенција за соработка во правосудството (Eurojust) во врска со создавање заеднички истражен тим за истрага на инцидентите на гасоводите поради „доверливост на информациите“.

Мекговерн натаму потсети дека Русија доставила до Советот за безбедност при Обединетите нации нацрт-резолуција за меѓународна истрага за инцидентите на гасоводите Северен тек.

„Таа резолуција ја поддржа само Кина, која се согласува дека Советот за безбедност треба да го истражи овој чин на агресија. Но другите, вообичаено, не беа заинтересирани за тоа“, додаде поранешниот аналитичар на CIA.

Така тој не очекува дека Советот за безбедност ќе може да ги исполни обврските доделени по Втората светска војна, но смета дека иницијативата треба да биде поднесена и во Генералното собрание на ОН и во други меѓународни организации.

„Но доколку ние (САД) сме демократија, а заклучоците на Херш се вистина, нашата влада мора да преземе одговорност“, додаде Мекговерн истакнувајќи дека наводите на новинарот му се чинат вистинити а оти тој го смета „за најдобриот во професијата“.

Семјур Херш е еден од најпознатите американски новинари кој се прослави во 1969 година со објавата на големата истрага за масакрот извршен од американските војници во Сонгми во Виетнам, за што ја доби Пулицеровата награда. Во 1970-те Херш пишуваше опширно за скандалот со прислушување на политичките опоненти „Вотергејт“ поради што оставка поднесе тогашниот претседател на САД, Ричард Никсон, а во 2004 година го објави написот кој предизвика глобален интерес за злоставување на затворениците во затворот Ал Граиб.

Истовремено владата на германскиот канцелар Олаф Шолц, продолжи Мекговерн, мора да ѝ објасни на јавноста, во прв ред германската, дали ги поддржала плановите за експлозиите на гасоводите кои Херш им ги припишува на САД

„Доколку тоа не така, тогаш германските власти треба да објаснат зошто тоа се случило и зошто сѐ уште ги поддржуваат САД“, вели Мекгаверн.

Од првите часови по полноќ кон 26-ти септември беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа. Сеизмолошките заводи на Шведска и Данска измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.

Данска во октомври објави дека прелиминарната истрага покажала дека истекувањето од крајот на септември од гасоводите биле предизвикани од силни експлозии. Германија, исто така, спроведе своја истрага, за четирите отвори на гасоводите на Северен тек 1 и 2 кои ги поврзуваат Русија и Германија по дното на Балтичкото Море, и кои станаа жртви и ново жариште на украинската криза.

Во објавата на шведското обвинителство се нагласува дека во текот на увидот на местото на инцидентот во Балтичкото Море, бил собран голем број докази и сѐ што е најдено во областа било внимателно документирано. Експертизите покажуваат траги од експлозив на неколку од пронајдените туѓи предмети. Се одвива прелиминарна аналитичка работа за да се добијат попотврдени заклучоци за инцидентот, беше соопштено тогаш во Стокхолм.