Американска нуклеарна подморница вплови во Јужна Кореја

Нуклеарната подморница од класата „Лос Анџелес“ вплови во пристаништето Бусан во рамките на нејзината посета на Јужна Кореја, објави во саботата американската Пацифичка флота, што веројатно ќе предизвика нова реакција од Северна Кореја.

Според објавата, станува збор за „планирана посета“, но точните датуми на пристигнувањето и проценетото траење на посетата не се откриваат поради безбедносни причини.

Подморницата „Springfild“ од класата „Лос Анџелес“, чијашто постојана база е на пацифичкиот остров Гуам, редовно оперира во областа на операциите на американската Седма флота, спроведувајќи поморски безбедносни операции и поддржувајќи ги националните безбедносни интереси.

Во ноември минатата година САД и Јужна Кореја постигнаа согласност за значително зголемување на зачестеноста и интензитетот на распоредувањето на американските стратешки сили на Корејскиот Полуостров.

Претходно месецов беше објавено дека американски нуклеарен носач на авиони во март веројатно ќе учествува во заедничките воени американско-јужнокорејски вежби „Freedom Shield“. Исто така, во февруари американски стратешки бомбардери изведоа повеќе вежби со јужнокорејските воздухопловни сили, а минатата година американскиот носач на авиони „Ronald Reagan“ учествуваше во заедничките маневри со бродовите со Јужна Кореја и Јапонија.

По најавата за нови вежби, Северна Кореја минатиот петокот истрела интерконтинентална балистичка ракета во морето кај западниот брег на Јапонија. Јужна Кореја и САД одговорија потоа во неделата со заедничка вежба на стратешките нуклеарни воздухопловни сили, а САД организираа и заеднички воени вежби со Јапонија.

Министерството за надворешни работи на Северна Кореја претходно седмицава предупреди дека распоредувањето на американското стратешко оружје на Корејскиот полуостров и продолжувањето на непријателските дејствија против земјата, вклучително и воените вежби, Пјонгјанг може да ги сфати како објава на војна.