Калифорнија погодена од бура, снег во Лос Анџелес

Невообичаена зимска бура ја погоди американската сојузна држава Калифорнија, поради што голем број објекти останаа без снабдување со електрична енергија, а дојде и до поплави поради што се затворени автопати и плажи.

Повеќе од 120.000 луѓе, повеќето во Лос Анџелес, се без струја по повеќедневните силни налети на ветер. Силните ветришта уривале стебла и далноводи, пренесуваат локалните медиуми.

Главниот автопат „Interstate 5“ на американскиот Западен брег и натаму е затворен во планинскиот предел познат како Грејпвајн. Во саботата сите плажи беа затворени на неколку часа поради удар на гром во Лос Анџелес, соопштија властите.

Поради временските услови приземјени се некои летови во таа област на Калифорнија. Во северната соседна држава Орегон, во еден округ поради претпазливост е прогласена вонредна состојба.

Претходно оваа седмица снег врнеше дури и во Лос Анџелес, а локалното население остана вџашено поради невообичаениот снег околу симболот Холивуд на планината Ли. Покрај тоа, Сан Франциско во петокот ја забележа најниската температура, од 4 Целзиусови степени, во последните 132 години.