ВИДЕО| Досега 45 жртви од мигрантскиот бродолом, се стравува за над стотина

Најмалку 45 мигранти, меѓу кои и едно новороденче старо неколку месеци се досега потврдени како жртви на потонување на брод рано во мугрите во неделата недалеку од италијанскиот град Кротоне во регионот Калабрија, соопштија локалните власти кои стравуваат дека бројот на жртвите може да надмине 100 луѓе.

Досега спасени се 81 човек, од кои 22 се хоспитализирани, пренесува агенцијата ANSA повикувајќи се на извори од службите за потрага и спасување.

„Според преживеаните, на бродот имало од 140 до 150 луѓе“, телефонски изјавила за Reuters Мануела Кура, покраинска владина функционерка, додека пожарникарите рекле дека на бродот имало „повеќе од 200 луѓе“.

Според некои преживеани, тие би биле околу 180, пренесува агенцијата ANSA. Според други мигранти ги имало многу повеќе, најмалку 250. Процената е отежната од фактот дека тие дури и не зборуваат други јазици, додава агенцијата.

Средствата на крајбрежната стража кои интервенираат и попладнето во областа Кротоне во потрага и спасување на морето откако се преполовило рибарското бротче по удар во карпа близу брегот, извлекле двајца мажи во состојба на хипотермија и безживотно тело на дете. Меѓу жртвите има многу деца и многу жени.

Италијанската полиција објави фотографии од остатоците од дрвеното бротче расфрлани на стотици метри по должина на плажата, со бројни спасувачи и спасени мигранти кои чекаат да бидат префрлени во центрите за прифаќање.

Кура за Reuters изјавила дека бротчето со мигрантите испловило пред три или четири дена од турското пристаниште Измир, додавајќи дека на него се наоѓале луѓе од Авганистан, Пакистна и Сомалија.

„Десетици и десетици се удавиле, меѓу кои има и деца, а многумина се сметаат за исчезнати. Калабрија е во тага поради оваа страшна трагедија“, изјави челникот на регионот Роберто Окјуто.

Папата Франциск порача во своето неделно обраќање на Плоштадот на свети Павле дека „Се молам за секој од нив, за исчезнатите и за преживеаните мигранти“.

Изразувајќи „длабока тага“ поради несреќата, италијанската премиерка Џорџа Мелони оцени дека е „криминално да се пушти на море бротче од одвај 20 метри со 200 луѓе и лоша временска прогноза“. Мелони истакна и дека нејзината влада работи на спречување на таквите инциденти и повика на поголема соработка на државите на тргување и потеклото на мигранти.

Несреќата се случи откако претходно седмицава италијанскиот парламент усвои нови прописи за спасување на мигрантите на море. Според него, бродовите кои ги ангажираат невладините организации се обврзани по една акција на спасување да мора да се вратат во пристаништето а не да интервенираат и во други ситуации без разлика на тоа колку далеку се настраданите, што би значело во некои случаи и со денови. Противниците на овие прописи велат дека пристаништата често се многу далеку што дополнително ги отежнува повеќекратните спасувачки акции.

Според податоците на италијанското министерство за внатрешни работи, речиси 14.000 мигранти се истовариле во Италија од почетокот на годинава наспроти 5.200 во истиот период минатата 2022-ра и 4.200 претходната 2021 година.

Невладините организации спасиле само мал дел од настраданите мигранти на море, а повеќето крајбрежната стража и воената морнарица. Италијанската влада обвинува и дека невладините организации дека со своите активности ги поттикнуваат мигрантите на доаѓање во Европа преку опасниот морски пат и дека ги охрабруваат криумчарите со луѓе.