Путин го одликува американскиот актер Стивен Сигал со Орден за пријателство

Рускиот претседател Владимир Путин денеска го одликуваше американскиот актер Стивен Сигал со Орден за пријателство. Во указот објавен на официјалниот интернет портал за правни информации, се наведува дека Стивен Фредерик Сигал е награден „за големиот придонес во развојот на меѓународната културна и хуманитарна соработка“,

Во ноември 2016 година, Путин потпиша декрет со кој на Сигал му се дава руско државјанство.

Оттогаш, тој живее во Русија, каде што се приклучи на националистичката партија во 2021 година. Во август 2022 година, тој го посети источниот дел на Украина, каде што се сретна со водачот на проруските сепаратисти во Доњецк, Денис Пушилин, давајќи му поддршка.

Стивен Сигал (70), експерт за аикидо, беше ѕвезда на американските акциони филмови во 1980-тите и 90-тите години. Додека неговата кариера беше во опаѓање, Сигал, роден во Лансинг, Мичиген, полека се зближуваше со авторитарните лидери, вклучувајќи го и рускиот.