Иран протера двајца германски дипломати

Иран протера два германски дипломати кои работеле во Техеран како реципрочна мерка откако Берлин на 22-ри февруари протера двајца ирански дипломати поради смртна казна изречена за иранско-германски државјанин, објави во средата иранското министерство за надворешни работи.

Министерството појаснува дека дипломатите се „непожелни поради мешањето на германската влада во внатрешните и правосудни прашања“ на Иран.

Берлин на 22-ри февруари објави дека протерал двајца ирански дипломати поради тоа што Иран го осуди на смрт 67-годишниот Џамшид Шармад, кој има и германско државјанство. Германската влада оцени дека тоа е „апсолутно неприфатливо“.

Шармад беше обвинет дека учествувал во нападот врз шиитската џамија во градот Шираз, на југот на Иран, во која во април 2008 година загинаа најмалку 14 луѓе, изведен од бунтовниците од сунитското малцинство кое има поддршка во западните земји.

Шармад, притоа беше обвинет дека одржувал контакти и со американското разузнавање, а се обидувал да стапи во контакт и со израелското разузнавање.

Во иранските затвори во моментов има најмалку 16 лица кои имаат пасоши и државјанства на западните земји. Повеќето имаат двојно државјанство, но Иран тој статус не им го признава на своите државјани.