ВИДЕО| Една жртва во експлозија пред суд во Подгорица

Едно лице загина, а седум се повредени во експлозијата на бомба што во петокот наутро се случи пред Основниот суд во црногорската престолнина Подгорица.

Според првите информации од црногорската полиција, едно лице активирало бомба на влезот на судот и се претпоставува дека се работи за самоубиство.

Директорката на Клиничкиот центар на Црна Гора (КЦЦГ), Љиљана Радуловиќ соопшти дека сите повредени се во стабилна здравствена состојба.

„Во тек се сите дијагностички процедури за да се утврдат повредите. Најважно е сите витални параметри да се стабилни“, рече Радуловиќ.

Во моментот на експлозијата во судот имало голем број луѓе.

„Во 11 часот и 35 минути добивме известување дека во зградата на Основниот суд е активирана експлозивна направа и дека има повредени. Утврдивме дека е убиен М.Б.(39) кој ја активирал експлозивната направа. Имаме уште пет повредени лица на кои им била укажана лекарска помош во Клиничкиот центар“, рече Срѓа Кораќ од Криминалистичката полиција.

Пред неколку дена во зградата на Собранието на главниот град на Црна Гора, обезбедување пронашло белешка со порака дека ќе бидат кренати во воздух.