Мицкоски: Владата потпиша договор со компанија за која самите рекоа дека е криминална

На власта ѝ е важен кој ќе биде надзор на коридорите 8 и 10а, за да може да потпишува што ќе му кажат тие а не реално што се случува на терен, односно да може да си наддаваат количини кои потоа ќе ги плаќаат граѓаните, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на посетата на Свети Николе одговарајќи на новинарско прашање поврзано со скандалот со шпанската фирма Ептиса.

„22 милиони евра е тендерот за супервизија, за надзор на проектите поврзани со коридор 8 и 10а којшто го добива Конзорциум од една фирма во која што е и шпанската Ептиса. Би сакал да потенцирам како се случило. Владата во ноември 2020 година носи заклучок во кој им дава насока на општините и државните институции да не потпишуваат договори надзор за проекти поголеми од 1 милион евра со шпанската компанија Ептиса поради неетичко, незаконско однесување“, рече Мицкоски.

Посочи дека во 2021 година во ноември, четири месеци по поминувањето на специјалниот закон во парламентот, министерството за транспорт и врски ја надсинхронизира владата и му дава позитивна референца на овој правен субјект кој потоа со изменет ревизорски извештај го добива тендерот.

„За да потоа се објави тендер за надзор на Јавното претпријатие за државни патишта каде што е кадар на ДУИ и седум дена пред истекот на рокот за поднесување на пријави ја менуваат суштински тендерската документација. Односно претходно ревизорскиот извештај го менуваат делот кој треба да биде позитивен и останува само да биде ревизорски извештај и останува рокот од 7 дена. И избран е Конзорциумот во кој дел е шпанската Ептиса“, потенцираше Мицкоски.

Истакна дека вкупниот договор е во вредност од 22 милиони евра затоа што проектите кои се предвидени да бидат дел од коридорите 8 и 10а, бидејќи нема проект, таму ќе се плаќа врз основа на затекната ситуација на терен и зависи колку ќе прифати надзорот.

„Затоа на власта им е важно кој ќе биде надзор за да можат да наддаваат количини и од првичната цена од 1,5-1,7 милијарди не би ме зачудило да дојде до 2 или 2,5 милијарди кои ќе ги плаќаат граѓаните. Затоа им е потребен тој надзор, да потпишува тоа што ќе му кажат од владата, а не тоа реално што се случува на терен“, заклучи Мицкоски.