Приведени повеќе лица при полициска контрола во локали во Тетово

Повеќе лица се приведени поради различни основи во ноќешната акциска контрола за проверка во угостителските објекти дали престојуваат и им се точи алкохол на малолетници, нарушување на јавен ред и мир. Опфатени биле повеќе локали, информираше во неделата Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Во акциска контрола спроведена ноќеска (5-ти март), десетина минути по полноќ, во угостителски објект на улица „Димо Гавровски-Кара“ во Тетово полициски службеници на СВР Тетово го привеле 37-годишниот тетовец В.Н. кој се однесувал агресивно додека преземале службени дејствија.

Во друг угостителски објект на излезот од Тетово, во 1 часот и 30 минути по полноќ приведени се И.А. на 20 од Тетово и А.Б. на 26 години, од скопско Рашче кои не поседувале документи за идентификација, а во угостителски објект на улица „ЈНА“ во Тетово, дваесетина минути по полноќ, приведен е 26-годишниот А.З.од Тетово поради нарушување на јавниот ред и мир.

Според информациите на портпаролотна СВР Тетово,  во истиот објект било затекнато и малолетно женско лице од Косово кое консумирало алкохол, по што му било предадено на нејзин роднина.