
Кардиналот Карол Војтила бил запознаен со случаите на педофилија во Полската католичка црква пред во 1978 година да биде избран за поглавар на Римокатоличката црква, извести во неделата приватниот полски канал lTVN.
Како кардинал и бискуп на Краков, Карол Војтила бил запознаен со случаите на педофилија кои ги сториле свештениците во неговата дијацеза, и ги преместувал од парохија во парохија за да се избегне скандалот, наведува авторот на истрагата Микал Гутовски.
Еден од свештениците идниот Папа го испратил во Австрија со писмо со препорака до виенскиот кардинал Франц Кениг во кое ги изоставил обвинувањата за педофилија.
Во рамките на истрагата Гутовски разговарал со жртвите на свештениците педофили и со нивните блиски, како и со вработени во бискупијата. Цитира и документи на поранешната комунистичка тајна полиција SB, како и ретки документи на Црквата до кои имал пристап.
Краковската надбискупија (архиепископија) одбила да му даде пристап до архивите, наведува новинарот Гутовски.
Тоа не е првпат Полската црква да одбива да даде на увид во бараните документи, па дури и кога тоа го барале правосудните тела или јавната комисија задолжена за истрага на случаите на педофилија, наведува AFP.
Еден од сведоците на случувањата, кој зборувал под услови да остане неименуван, потврдил дека лично го известил тогашниот кардинал Војтила за случаите на педофилија кои ги сторил свештеник во 1973 година.
„Војтила прво сакаше да биде сигурен дека тоа не е лага. Побара за тоа никому да не му кажувам и рече дека тој ќе се погрижи за тоа“, рекол соговорникот и додал дека кардиналот јасно го запрашал дали може аферата да биде забошотена.
„Ова што сте го откриле е револуционерно, бидејќи покажува дека се основани сомневањата кои со години постоеја, дека Јован Павле Втори знаел дека проблемот постои и многу пред да стане Папа“, вели Томас Дојл, поранешен американски католички свештеник, стручњак за канонско право и автор на првите извештаи за злоставувањата кои ги вршело католичкото свештенство во САД.
„Тој со тоа требало да биде запознаен, но немало докази. И, еве, сега имаме докази“, вели Дојл.
Книгата во којашто се изнесени слични обвинувања на сметка на поранешниот кардинал Карол Војтила треба во среда да се појави во книжарниците во Полска. Книгата во којашто се објавени резултатите од истрагата којашто ја спровел холандскиот новинар Екке Овербеек е насловена „Maxima Culpa (Мојот преголем грев. Јован Павле Втори знаеше“.
Последните години Полската црква ја потресуваа повеќе афери за педофилија во свештенството, а главно ги откриваа новинари. Ватикан казни повеќе високо позиционирани членови на полската црковна хиерархија.