ДЗР утврдил дека 22.000 рецепти се наплаќани по два пати од ФЗОМ

-Голем број евидентирани рецепти се два пати фактурирани, а висок е и процентот на два пати платени услуги од Фондот за здравствено осигурување, рече главниот државен ревизор, Максим Ацевски во вечерашната Топ тема на Телма и додаде дека Државниот завод за ревизија открил многу вакви случаи. Поточно, Државниот завод за ревизија утврдил 22.000 два пати платени рецепти, за кои биле платени 2.624.853 денари.
Тој посочи дека државата треба да се грижи тие контроли да бидат претежно наменети кон приватните здравствени установи, кога веќе имаме одлевање на државни пари од Фондот кон приватните установи.

-Континуирано укажувавме дека има повеќе причини кои претставуваат ризици во работењето на самото ФЗО, посебно во делот на заштита на податоците и нивната безбедност, тврди тој.

Ацевски рече дека ДЗР со години предупредува на недоволно високото ниво на заштита на податоците на фондот.
Во актот за систематизација и организација систематизирани се 34 вработени кои имаат или треба да имаат познавања од ИТ-безбедноста, или ИТ-инженери, на неопределено се вработени три лица и три лица под договор на дело. Меѓутоа, во последните 10 години нема осовременување на ИТ-системите и се случи тоа што се случи.
Од извештаите на ДЗР може да се види дека Фондот плаќа завидни суми за одржување на нивниот систем.
-Во 2021 година ФЗОМ платил 17 милиони денари за одржување на самиот ИТ систем, а во текот на 2018 година набавен е одреден софстверски пакет кој до денот на ревизијата воопшто не е имплементиран. Состојбите во ФЗОМ се далеку од потребното ниво, рече Ацевски.