Германскиот автомобилски концерн „Volkswagen“ (VW) ги суспендираше своите планови за производство на батерии за електрични возила во источна Европа и како приоритет го одред градењето погон во Северна Америка, каде што очекуваат 9 до 10 милијарди евра во субвенции, известува во средата деловниот весник Financial Times.
Во „Volkswagen“ го очекуваат одговорот на Европската унија на американскиот Закон за намалување на инфлацијата (IRA) во вкупен износ од околу 430 милијарди долари, пред да продолжат со плановите на Стариот континент, цитира деловниот весник свои запознаени извори.
Член на одборот на „Volkswagen“, Томас Шмал, објави минатата седмица на LinkedIn дека имајќи ги предвид атрактивните услови од законот IRA, на Европа ѝ се заканува опасност да ја загуби „трката по милијардите евра вложувања за коишто (компаниите) ќе одлучуваат во следните месеци и години“.
Во март 2021 година „Volkswagen“, во мандатот извршниот директор Херберт Диес најави градење шест мегафабрики во Европа. За погонот кој требаше да биде отворен во 2027 година конкурираа Унгарија, Полска, Словачка и Чешка. Во октомври минатата 2022 година компанијата извести дека одлуката за локацијата ќе биде донесена до средината на 2023 година.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ланскиот август донесе инвестициски план наречен Закон за намалување на инфлацијата (IRA) кој предвидува големи повластици за американските произведувачи. Според законот кој го поттикнува пристапот под мотото „купувај американско“, произведувачите на електрични автомобили имаат голема предност доколку произведуваат и купуваат делови за своите производи во САД.
Законот, меѓу другото, вклучува и проширување на даночните субвенции за купување електрични возила кои се склопуваат во Северна Америка и користат батерии произведени во САД од материјали од домашно суровини. Со него се издвојуваат 370 милијарди долари за вложувања во чиста енергија и справување со климатските промени, и 63 милијарди долари за намалување на цените на лекарствата и здравственото осигурување.
Во Брисел и во другите европски престолнини не го сокриваат своето незадоволство од американскиот IRA. Министри и дипломати од земјите членки на ЕУ го истакнуваа изминатиот период разочарувањето од начинот на кој администрацијата на американскиот претседател Бајден едноставно го игнорира влијанието на своите домашни економски политики врз економиите на европските сојузници. Во ЕУ овој потег го оценија како дискриминаторски кон истите производи увезени од други земји и стравуваат од бегството на инвестициите и селењето на производството од Европа во Соединетите држави.