Министрите за одбрана на земјите членки на Европската унија разговараат во средата во шведската престолнина Стокхолм за подготовките на планот за испораки на муниција за Украина и покрај слабите сопствени залихи, а првиот итен пакет ќе биде во износ од милијарда евра.
Украинската војска хронично се соочува со недостаток од гранати од 155 милиметри за западните повеќецевни системи со долг дострел. Тоа е последица од настојувањата да се одговори на руските масовни гранатирања и ракетирања, кога уште минатото лето се сметаше дека при крај се залихите со муниција на руската војска.
Министрите за одбрана од ЕУ, во присуство на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и украинскиот колега Олексиј Резников, ќе изготват план од три дела. Неговата цел е да биде усвоен на 20-ти март на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската унија.
Планот се темели на заедничката набавка на муниција во големи количества за воената индустрија да може да биде сигурна во нарачките.
Првата фаза од планот предвидува користење милијарди од Европскиот инструмент за мировна помош за во период од неколку седмици би можело да се испорачаат гранати од залихите на државите членки. Според некои функционери на ЕУ, државите членки сѐ уште имаат доволно гранати од калибар 155 мм за да не ја загрозат својата безбедност.
Планот предвидува и заедничка набавка за вооружените сили во ЕУ о з Украина за производителите да бидат поттикнати да ги зголемат производствените капацитети.
Некои земји членки, како на пример Естонија којашто предложи да се иде уште повеќе во помошта со четири милијарди евра и милиони гранати, бараат да се стори многу повеќе.
„Имајќи ги предвид украинските потреби, би им биле потребни најмалку 350.000 гранати од 155 мм месечно“, рече Мадис Рол, функционер од естонското министерство за одбрана.
Треба да биде решено и прашањето дали нарачките ќе одат преку одбранбените агенции на ЕУ или преку државите членки коишто имаат повеќе искуства со таквите договори.
Постои и можност за купување гранати и надвор од Европа, што според некои би било побрзо, но не би овозможило поддршка на европскиот воено-индустрискиот комплекс, што, пак, ги загрижува другите членки . Меѓутоа, сите се согласни дека мора да се подготват за можни големи воени судири по повеќегодишното слабо вложување во одбраната.