
Полска ѝ ги испорача на Украина преостанатите десет напредни тенкови од германско производство „Leopard 2“ од 14-те коишто Варшава ги вети како итна воена помош за Киев, објави во четвртокот на брифинг полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.
„На Украина ѝ предадовме уште десет тенкови в Leopard 2А4“, изјави Блашчак и додаде дека во Полска била изведена целосната обука на украинските тенкисти за управување со овој вид напредно оружје според високите стандарди на НАТО.
Првите четири беа испорачани на 24-ти февруари, симболично на годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина.
„Полска придонесе за формирање на цел баталјон тенкови Leopard 2А4“, потсети Блашчак.
Полскиот министер за одбрана прецизираше дека овој баталјон вклучува „осум тенкови од Канада, осум од Норвешка, шест од Шпанија“. Според Блашчак, можно е дополнителните тенкови коишто ги најави Шпанија да бидат, исто така, вклучени во овој баталјон,.
„Полскиот дел е веќе испорачан, а што се однесува до нашите сојузници тенковите ќе бидат многу наскоро префрлени во Украина“, додаде Блашчак.
Кон крајот на јануари по долги убедувања и притисоци, Германија се согласи да испорача тенкови „Leopard 2“, како и да им дозволи на другите земји коишто ги поседуваат таквите тенкови да ѝ ги испорачаат на Украина. Полска иницираше формирање ткн „тенковска коалиција“ од главно европските и балтичките земји за снабдување на украинската војска со западните тенкови. Велика Британија, САД, Норвешка и Словачка засебни најавија испорака тенкови од западно производство.