
Безбедносните служби на одметнатиот молдавски регион Предњестровје објавија во четвртокот дека спречиле обид за убиство врз претседателот Вадим Красноселски, пренесуваат локалните медиуми и руските новински агенции.
Според овие наводи инцидентот се случил на 6-ти март кога при минување на колоната со која се превезувал Кресноселски во неговиот автомобил требало да се забие возило полно со експлозив. Осомничените биле уапсени, а за наводниот обид за атентат се обвинуваат украинските тајни служби.
„Министерството за државна безбедност известува дека е спречен терористички напад. Според инструкции на Службата за безбедност на Украина (СБУ), било подготвувано кривично дело против неколку функционери. Сомнителните се приведени“, го цитира агенцијата ТАСС официјалното соопштение во кое не се дадени докази за обвинувањето насочено кон Киев.
Портпаролот на украинската служба за Reuters рекол дека челниците на СБУ ќе го разгледаат случајот и дополнително ќе дадат коментари.
Набрзо на апликацијата Telegram од украинската СБУ објавија дека немаат никаква поврзаност со наводна подготовка за терористички напади или атентат врз челникот на непризнаеното Придњестровје, оценувајќи дека станува збор за „уште една провокација“ од Москва.
„Секоја изјава (…) во врска со вмешаност на СБУ во подготовка за терористички напад треба да се гледа исклучително како провокација“, се наведува во објавата.
Придњестровје е област којашто се граничи со Украина, а во која се зборува рускиот јазик, непризнаена по отцепувањето од Молдавија во 1990-те години.
Москва кон крајот на февруари ја обвини Украина дека планира напад врз Придњестровје по изведувањето на инсценирана операција. Киев и Молдавија ги отфрлија таквите наводи. Русија, исто така, предупредува дека секоја воена активност во Придњестровје ќе го смета за напад врз себе поради загрозување на рускиот мировен корпус во тој регион.
На територијата на Придњестровје од 1990-те години е распоредена оперативна група на руските војски, која ја замени 14-та комбинирана советска армија, којашто по распадот на СССР беше поставена под јурусдикција на Русија. Нејзината главна задача е мировната мисија и заштита на воените складиште. Рускиот баталјон со 400 припадници беше испратен по вооружениот конфликт од 1992 година меѓу Молдавија и Приднестровје, како дел од меѓународните мировни сили, во кои беа вклучени и воени набљудувачи од Молдавија и од Украина.
Придњестровје, или Трансдњестрија, чиешто населени во 60 отсто го сочинуваат Руси и рускојазични Украинци, како и припадници на други народи, во 1990 година пред распадот на СССР се отцепи од советската република Молдавија, стравувајќи од тенденциите на властите во Кишињев, каде што официјален јазик е романскиот – да се присоедини кон Романија. По две години избувна кусиот судир. Во војната која избувна во овој регион во 1992 година загинаа околу 1.500 лица. Оттогаш, практично Придњестровје е независно иако не е признато од ниедна држава, а меѓународната заедница го смета за составен дел од Молдавија, земја со 3,5 милиони жители меѓу Романија и Украина.
Парламентот во Придњестровје кон средината на април 2014 година поднесе барање до рускиот парламент и претседателот на Руската Федерација да започнат процедура за признавање на независноста. Одлуката се заснова врз резултатите од референдумот од 2006 година кога дури 97 отсто од гласачите ја поддржале независноста на Придњестровје како и барањето за присоединување кон Русија.