Маричиќ: Финансиската помош од ЕУ е инвестиција во иднината на државата

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на владиниот настан посветен на европската помош од 80 милиони евра, рече дека Европската унија не ги заборава македонските граѓани и повторно е со нас во кризни моменти.

„ЕУ уште еднаш докажа дека е многу повеќе од финансиска поддршка со која ни помага во забрзување на трансформацијата на општеството и подготвувањето на Северна Македонија за членство во европското семејство. Таа е и наш најголем партнер кој прв застанува со нас во тешки времиња, рече вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ“, Маричиќ.

Вицепремиерот изјави дека енергетскиот пакет од 80 милиони евра, неповратни средства, покрај за намалување на последиците од економската и енергетската криза, со оваа финансиска поддршка ќе се поддржат и структурните реформи за олеснување на енергетската транзиција.

„Работиме на среднорочни и долгорочни инвестиции повторно со поддршка на Европската унија и меѓународните финансиски институции. Преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан каде во изминатиов во последната година успеавме да добиеме над 52 милиони евра, неповратни средства, само за проекти во областа на енергетиката“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот и Национален ИПА координатор додаде дека нема да застанат тука и информираше дека на последниот повик во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан повторно Северна Македонија аплицирала со проекти од областа на енергетиката.

„Поднесовме апликација за зголемување на енергетската ефикасност на здравствени објекти во повеќето градови во земјата и за зајакнување на мрежата за дистрибуција на струја во југоисточниот дел на Република Северна Македонија со произведена зелена енергија“, посочи вицепремиерот.

Вицепремиерот во своето обраќање кажа дека ја имаме целосната поддршка од ЕУ, но и тие ја имаат Северна Македонија како кредибилен партнер и сојузник, најавувајќи дека секторот енергетика ќе биде поддржан со ИПА средства и во рамките на новото програмирање за 2024 година.

Финансиската помош наменета за Северна Македонија, односно за пакетот од 80 милиони евра, неповратни средства, се очекуваат до крајот на неделата да бидат на буџетската сметка.