Четвртина од Французите не се чувствуваат способни за работа до пензионирање

Една четвртина од испитаниците Французи изјавиле дека не се чувствуваат способни за работа до пензионирањето, покажува истражувањето чии резултати беа објавени во време на дебата за зголемувањето на старосната граница за пензионирање во Франција од 62 на 64 години.
Четвртина од Французите би значело речиси девет милиони граѓани, или 37 отсто од вработените, според анкетата спроведена меѓу 40.000 луѓе.
Чувството на „неодржливост на работа“ е многу посилно кај оние под 30 години (59 проценти) отколку кај оние над 50 години (18 проценти), кои често имаат потешки работни места како што се приближува пензионирањето. Тоа чувство е многу изразено кај жените со мали деца (57 проценти).
Најголема неодржливост покажале физичките работници, потоа вработените во контакт со јавноста (во банки, ресторани, хотели) како и медицинскиот персонал. Дури 66 отсто од благајниците изјавиле дека нема да издржат до пензионирање.
Педесет и осум проценти од вработените кои се изложени на психосоцијални напори (интензивна работа, емоционални барања, социо-економска несигурност) и 46 проценти од оние кои се изложени на физички тешкотии (бучава, топлина, влажност, работа во стоечка положба, носење тежок товар) имаат чувство на неодржливост.
Тие вработени имаат понестабилни кариери од другите и се пензионираат порано или имаат паузи во кариерата, особено од здравствени причини.
Горниот дом на Парламентот, Сенатот, во кој мнозинството го сочинува десничарската опозиција, вчера го одобри поместувањето на старосната граница од 62 на 64 години за пензионирање.