Пендаровски на средба со Ричард Нефју, глобален координатор за антикорупција на Стејт департментот

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Ричард Нефју, глобален координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент.

На средбата се разговараше за актуелни теми врзани со борбата против корупцијата и напорите на државата за воспоставување на ефикасен систем за превенција на корупцијата и судирот на интереси.

Претседателот Пендаровски истакна дека борбата против криминалот и корупцијата, на секое ниво, вклучувајќи ја високата корупција, е од исклучително значење во напорите за градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите.

Пендаровски посочи на подготвеноста на државата, во согласност со националните приоритети, да ја продолжи соработката со САД во напорите за сузбивање на корупцијата, а во функција на унапредување на демократските процеси во државата преку овозможување на добро управување и владеење на правото.

На средбата беше истакнато и дека Република Северна Македонија високо ја цени поддршката и помошта што ја добива од САД во нејзините напори за подобрување во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата и изрази очекување таа да продолжи преку поддршка во градењето на капацитети.