На локацијата каде што се наоѓа „Бриколаж“, во Општина Гази Баба, ќе никне првиот маркет на „Лидл“ во земјава. Германскиот трговски синџир ја купил од „Скопски пазар“ локацијата на „Бриколаж“. Како што ексклузивно објави порталот „Фактор“, се очекува набргу да се случи и официјалната трансакција, а засега нема информации која е постигнатата сума.
Во февруари 2021 година, „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија, во скопски Центар, со влог од 500 илјади евра, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Оттаму објавија дека имаат пикирано локација за својот логистички центар на земјиште од околу 200 илјади квадратни метри на територијата на Општина Куманово, за што би инвестирале 80 милиони евра и вработување на повеќе од 150 лица. Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања.
Инаку, како што неофицијално се дознава, било побарано од „Бриколаж“ да се исели до јуни, што може да значи дека летово ќе почнат од „Лидл“ со расчистување на локацијата. Вработените во „Бриколаж“ се загрижени што ќе се случи со нив по ваквата трансакција.
Нашите граѓани со нетрпение го очекуваат првиот маркет на „Лидл“ во земјава, а, во меѓувреме, масовно пазарат од маркетите на „Лидл“ во Грција, но и во соседна Србија, во која е присутен од 2018 година, се разбира, кога ќе имаат можност да ги посетат тие држави. Најмногу продавници „Лидл“ има отворено во Бугарија.
Пред четири месеци, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи остварија работна средба со претставници на „Лидл“, како од националниот тим така и со претставници на меѓународниот Управен одбор. Тогаш Ковачевски изјави дека „Лидл“ интензивно работи на подготовките за започнување со ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица.
Според „Фактор“, „Лидл“ веќе купил парцели во Кавадарци и во Битола.